Бабините банички…малку поинакви

Ви текнува на старите ќумбиња на кои може да се готви? Крчкање со часови…мм, вкусно.

На овие банички не им требат часови за припрема, ама ако се повеќе гладните, тој што ги сука и ги пече направо е окапал кај ринглата 🙂 На времето тоа беше едната ми баба. Таа ги печеше директно на ринглата. Сега како помодерни, печеме на тавче за кое не е потребен зејтин, путер… демек суво тавче. Состојките се сосема прости, но резултатот е многу вкусен. Со еден убав чај од мајчина душица и лимон… Да не претерувам, еве ги состојките:
  • 1 1/2 ч.ч. вода
  • 1 ч.л.сол
  • 1 с.л. зејтин
  • интегрално брашно колку е потребно за меко тесто ( околу 4  чаши ми беа потребни, но се додаваат по малку, не се од еднаш)

И така – се меси меко тесто од кое се земаат топчиња колку мало киви ( да речеме), се сука тенка кора со помош на дополнително брашно. Јас најдов малку бело и го користев него за сукањето. Може да се пече и така како круг, на добро загрејано суво тавче. За децата направив со малечко парче путер и намачкано сирење во средина на кругот, а краевите се завиткуват да се добие правоаголник, кој може да се истенчи уште малку со сукалката. Убаво е испечените банички да се чуват под капак, за да се меки.

Се печат брзо, но веќе на десетата баничка некако започнав да се осеќам мааалку зезната зашто наместо да се трупат банички под капакот, се трупаа празни танири кои чекаа да бидат наполнети.
Ќе заборавев колку чинеа.
Вкупно за околу 15 банички и 2 „палачинки“ – околу 20 денари.