Банички со зеленчук
Пред доста време, додека бев на специјален режим на исхрана, еден ден во списокот ми беше запишано „баница со зеленчук“. Но зошто во разделната исхрана корите не можат да се комбинират со сирење и јајца, спанаќ и урда исто не можеше, баница со зелка не сакам, започнав да барам рецепти. Накрај, како обично, испадна една луда комбинација од зеленчуците со кој располагав во фрижидер. И така, еве ги намирниците (со забелешка дека кај нас се се готви количински):
- 1 пакување кори за баница
- 1 тиквица
- 3-4 средни моркови
- 2 големи глави кромид
- 150гр. пченка
- хималајска сол и копар
- 100гр кашкавал
- малку зејтин
- малку копар или свеж магдоноз (според желба)
Корите се сечат по должина на две еднакви ленти, околу 15см ширина.
Кромидот се сецка на тенки полукугови, тиквицата и морковите се рендаат на крупно и сиот зеленчук (со се пченка) се пропржува со малку сол, копар и зејтин, додека да се испари течноста.
Еве го нашиот творечки процес, кој во еден момент се претвори во пазење на корите од малиот готвач, кој реши дека и сурови корите се супер вкусни. 🙂
Кога ќе биде готов филот, започнува големото виткање на банички. Овој пат оставив малку сок од зеленчуците, за да пробам како ќе испаднат баничките доколку се намачкаат со смеса од сок и зејтин – дефинитивно имаше повеќе арома. По една неполна лажица се става во едниот крај, долгите страни се превиткуват кон средината и се завиткува мал ролат. Може да се намачка со малку зејтин од средината до крајот зошто кората доаѓа многу кон крајот.
За да биде полесно, ги редам во тава обложена со хартија за печење. Одозгора се премачкуваат со путер или со зејтин ( или како во овој случај- со смесата од сок и зејтин), а накрај се нарасуваат со ситно рендан кашкавал. Може и без него, но мојата машка група бара да има. Испаѓаат околу 30 банички со должина околу 10см.
Последно кога ги броев корите, во едно пакување имаше 14.
Се печат околу 20 минути на 200 степени или додека добијат златна боја.
Кој може да чека, нека причека едно половина час. 🙂 Кај нас тоа чекање беше скоро 10 минути 🙂
Вкупно: околу 120 денари.
Баничките можат да се јадат во училиште или во канцеларија,многу се лесни и вкусни.