Боранија – еднаш со копар, еднаш на супа
Излезе веќе свежата боранија на пазар и време е да споделам дел од начините на кои готвам боранија. Жолтата боранија е полесна од зелената, покревка е и содржи помалку скроб. Пред некој ден во пиљара ја видов 120 денари кило и некако ми дојде скапо. Потоа ми текна дека уствари толку ја плаќаме смрзната (кога не си ставив со време минатата година), а вкусот не е ист. Но во секој случај денес на мени беше боранија и еве ги двете јадења.
- 1кг исчистена жолта боранија ( или два пакети смрзната, тогаш доаѓат 900гр.)
- 3-4 чешниња лук
- 2 с.л. сок од лимон
- 3 с.л. зејтин или путер
- сол и копар
Може да се нараси со малку Грана Падано или со Пармезан.
Вкупно – околу 140 денари со скапа боранија.
Боранија – на супа
Тоа е нашата стандардна чорба боранија. Ние сме петорица и количината треба да е доволна за два пати јадење.
- 1кг боранија
- 1 голема глава кромид
- 2-3 моркови
- мало парче целер
- мало парче пашканат
- пола зелена пиперка
- 1 рендан домат
- 1 чешне лук
- магдоноз, сол
Зеленчукот без боранијата се сецка ситно и се става со малку вода и сол во тенџерето да омекне. Се додава боранијата (исчистена и исечена на помали парчиња) и супата се вари додека е готова боранијата. Потоа се додават ренданиот домат, лукот, магдоноз. Се остава уште 5 минути под капак и тоа е тоа. Доколку сте навикнати на погуста супа, тогаш наместо брашно, две-три црпалки зеленчук истурете го во длабок сад и добро пасирајте, а потоа вратете во тенџерето и промешајте добро.
Вкупно ( со смрзната боранија и скапи зелени пиперки) – околу 170 денари. Таа цена може да се намали дупло, доколку човек плански си смрзне боранија, домати, пиперки кога се евтини.