Време за мачкање лебчиња

Нели знаете како понекогаш ни се јаде нештоооо, но да не е манџа. Понекогаш и не знаете каков сендвич да си припремите за на работа или за во школо за децата.
Од друга страна периодите „ааа, ама ја тоа не го јадам“ ми ги кинат нервите.

Затоа како алтернатива доаѓаат премазите.

Едниот е дип со ореви (од една од моите омилени страни Гответе с мен), а другиот е варијанта на Хтипити салата, ко го прави мојата пријателка Кате. Се разбира, намачкани брз домашен леб. 

Бидејки периодов ќе се заредат слави и празници, рецептите може да се искористат и за гости. 

Еве и кои рецепти користам.

Дип со ореви

Потребни продукти

300гр. безсолна урда 
150гр. тазе искршени ореви
2-3 лажици кисело млеко
малку маслиново масло, малку хималајска сол и црн бибер
Оревите се кршат на ситно. Се додават другите продукти и се промешува добро се. Може да се додаде уште малку кисело млеко ако смесата е многу густа,
Пробала суми со мелени ореви, но некако смесата испаѓа потешка.

Варијант на Хтипити салата

Потребни продукти
300гр. безсолна урда
1 зелена пиперка
1/2 зелена лута пиперка
1 чешне лук
2-3 лажици кисело млеко
малку маслиново масло, малку хималајска сол и црн бибер

Кој сака да сецка на ситно зеленчуци – да исецка пиперките и лукот. Кој како мене не сака баш да се замара со тоа , нека ги пушти на сецко. Потоа пиперките се промешуват добро со останатите продукти и готово.

Двата премази коштаат најмногу 300 денари во зависност дали имате дома печени пиперки и ореви или треба да купувате. 

Не знам за вас, но печените пиперки од тегла не ми се посебно омилени. Но сакам  Македонска салата не битно со печени или со свежи пиперки, кравјо, козјо или биено сирење.
Затоа оваа есен поминав еден ден во печење, лупење и пакување на пиперки и чистење на рерната, но вредеше.
Наскоро јадев и нешто многу  многу  вкусно со печени пиперки, што ќе споделам со вас по празниците.😀

Добар апетит!