Домашен бел леб

Иако киселиот леб станува се` попопуларен, во зависност од рецептот, од состојките вкусот е специфичен. Понекогаш леко киселкастиот вкус не е вкусот кој го сака човек. А некогаш и одгледувањето на квасецот е обврска со која не секој сака да се нафати.

Белиот леб со кој сме навикнати и кој купуваме од продавница не успева да ме најаде, се расипува брзо и многу често ми прави киселини. Имаше период во кој воопшто не јадев леб, но не сум само јас. Децата јадат леб, сакат сендвичи, препечени лепчиња со путер за доручек. Не е во ред дете кое расте, организам кој се развива, да внесува храна која е полна со непогодни за телото додатоци.

Пред повеќе от десет години имав машина за леб. Лебот беше супер, но беше мал. По еден обид да направам во машината козунак, таа е расипа. Два пати беше на поправка, потоа замина во електронски отпад. 🙂

И како обично, ми текна дека веројатно не сум толку фатена во раце, за да не можам да направам сама леб. Слушала сум дека треба многу сила, болат раце.

Е, не сум до толку „мека Марија“ – решив ќе пробам! 🙂 Го искористив рецептот од книшката од машината за леб, кој најмногу ми се допаѓаше.

За рецептот600гр900гр
Бело брашно350 гр.500 гр.
Вода210 мл300 мл
Шеќер5 гр.10 гр.
Масло5 гр.10 гр.
Сол5 гр.10 гр.
Свеж квасец или10 гр.15 гр.
Сув квасец4 гр.6 гр.

Квасецот го промешувам со водата и шеќерот. Оставам десетина минути, потоа додавам сол, масло (маслиново масло, зејтин, путер). После додавам и поголемиот дел од брашното. Брашното има различна влажност и затоа не треба да се става целото брашно на почеток на месењето. Се нарасува по малку и се меси убаво, додека се добие меко тесто кое не се лепи на рацете.

Месењето на тесто е повеќе на осет и со тек на времето човек станува се’ подобар во тоа. Не треба голема сила, не треба ни мавање на тестото и истурање на нервози врз него. Го оставам да стасува два-три часа на собна температура. Може да се оформи како една векна или три потенки, како за французки леб, да се нараси со зачини или семки.

Потоа го печам во загреана рерна на 230 степени првите 20 минути, потоа уште 20-30 минути на 180 степени во зависност колку препечена сакам да биде кората. За да се провери дали е добро испечен лебот, кога ќе чукнете со прст врз лебот, треба да се слуша кух звук. Кога ќе биде готов лебот, го завиткувам во памучна крпа и го покривам со подебела крпа за да стане мека кората.

Верувам дека кога се спрема храна и човек работи со љубов, со убави мисли и до добра намера, јадењето и во случајот, лебот испаѓаат вкусни и со прекрасен изглед кој мами да си искршиш уште едно парченце и да си ставиш уште еден танир.

Секако, со пандемијата и со периодите на изолација и седење дома, доста луѓе почнаа да прават леб. 🙂 Потоа се откажаа. Секогаш е полесно да идеш до продавница.

Не се откажувајте! Со тек на време станува полесно и побрзо. Со бело брашно, со други брашна, со семки… различен рецепт…можностите се многу. А задоволството и користа од јадењето на храна во која знаеш што има, која сам си спремил е неспоредливо со прошетката до продавница. Ако и децата помагаат, тогаш и за нив е забавно доживување, време поминато со родителите, основа за здрави навики. Основа за тоа какви ќе бидат нивните претпочитувања во иднина. Може би и некој ден тоа што научиле како мали со игра ќе им биде користно за да се снајдат на факултет или кога ќе се осамостојат.

Вкупно ако се прави со обично, бело брашно: 30 денари за леб 900гр.

Секако доколку се користи поскапо бело брашно, интегрално или друго брашно, може да дојде и до 100 денари за килограм леб.