Рататуи – колку е лесно, а вкусно!
Глувчето-готвач Реми во цртаниот „Рататуи“ од 2007 година беше причината да посакам да го пробам тоа јадење.
Трејлерот можете да го погледнете тука.
Како дете воопшто не сакав модри патлиџани. И зелени пиперки, и цвекло, и бамја… Секое дете си има работи кои не сака да ги јаде. Веројатно е до начинот на приготвување и до желбата човек да проба и други намирници и освен тие што ги јаде обично.
Рецепти за рататуј може да се најдат секаде. Варијанти – колку сакате, а летото е перфектниот сезон за овој рецепт. Потребните намирници не се скапи и ги има во изобилство по пазарите и маркетите.
За тава со дијаметар 28см ми беа потребни:
- 2 средни тиквици
- 2 средни модри патлиџани
- 2-3 глави кромид
- 5-6 благи пиперки (зелени, црвени, какви има)
- 3-4 домати
- 100мл доматно пире или 1-2 рендани домати
- 1 лажичка мајчина душица
- сол и бибер
Модрите патлиџани ги сечете на кругови околу 5мм, посолувате ги и ги остават еоколу 20 минути. Во меѓувреме тиквиците, доматите и кромидот исто ги сечете на кругови, со иста дебелина како модрите патлиџани. Пиперките некаде пишува на кругови, некаде на парчиња – како ви одговара и ви изгледа подобро, така исечете ги. Зеленчуците е добро да бидат со исти дијаметар заради изгледот на јадењето.
И така – пред да започнете да ги редите зеленчуците, модрите патлиџани треба убаво да ги измиете, за да не горчат. Почнувате да ги редите парчињата зеленчуци во намаслена тава скоро исправени – модар патлиџан, тиквица, пиперка, домат, кромид од крајот на тавата и повторувате кон центарот додека имате зеленчуци. Од како ќе наредите се’ како полжав, полевате со доматно пире или рендани домати, нарасувате со мајчина душица, сол, и бибер и печете до готовност во загреана рерна на 180 степени.
Некои финти кои ги обележав за себе за наредно спремање на ова јадење:
Имајте во предвид дека кога ќе се испечат, овие зеленчуци губат доста вода и ако ги редите полегнати, накрај ќе ви испадне многу малку јадење. Затоа имајте за секој случај по некое парче зеленчук вишок и редете ги круговите исправени.
Јас сакам повеќе сос и може да ставам повеќе пире или плус некој рендан домат.
Дефинитивно ми фалеше и малку маслиново масло врз зеленчуците. Некако аромата е поразлична 🙂
Вкупно ме кошташе околу 200 денари