Салата со киноа и авокадо
Киноата ми изгледаше чудна до пред некое време. Вкусот ми беше специфичен, некако како просото.
Долго време ја избегавав и не сакав да пробам рецепти со киноа. Изгледа се со свое време.
Салатата исто е од интернет, а со количините кои ги ставам обично, има 2-3 порции. Веројатно ако се користи како предјадење, може да се добијат и 4-5 порции. Оваа салата ја користам како ручек на работа.
Продукти
1 кафена чаша киноа
1/2 авокадо
1 краставица
1 зелена пиперка
2 розеви домати
1/2 глава црвен кромид
1/2 врска магдоноз
Киноа се вари како ориз, во сооднос 1 чаша киноа, 4 чаши вода, на тивок огин со капак. Отприлика за половин час зрнцата се распукани и водата е упиена. И овде човек решава дека се е топ и работата е завршена, почнува да сецка зеленчуците и оп, изненада – кога зеленчуците ќе се размешат со топлата ( жежка) киноа, се претварат во една блјак каша.
Затоа вреди да се причека да се излади киноата 🙂 Час-два, колку што е потребно. Може и ноќе да престои во фрижидер, а салатата да се направи наредниот ден.
Сите зеленчуци се сецкат на коцки, кромидот – на полумесеци, магданозот – на ситно. Сол и маслиново масло – на вкус доколку салатата се јаде веднаш. Ако планирате да ја носите на работа, ставете ги зачините во малечка тегличка или кутија.
Вкупно:
Околу 200 денари со скапи домати и краставици 🙂