Боранија – еднаш со копар, еднаш на супа

Излезе веќе свежата боранија на пазар и време е да споделам дел од начините на кои готвам боранија. Жолтата боранија е полесна од зелената, покревка е и содржи помалку скроб. Пред некој ден во пиљара ја видов 120 денари кило и некако ми дојде скапо. Потоа ми текна дека уствари толку ја плаќаме смрзната (кога не си ставив со време минатата година), а вкусот не е ист. Но во секој случај денес на мени беше боранија и еве ги двете јадења.

Жолта боранија со копар
Тој рецепт не ми текнува во која книга го имам читано или за пореден пат сум читала секоја трета линија на друг рецепт. Лесен е за припрема, лесен е за јадење.

  • 1кг исчистена жолта боранија ( или два пакети смрзната, тогаш доаѓат 900гр.)
  • 3-4 чешниња лук
  • 2 с.л. сок од лимон
  • 3 с.л. зејтин или путер
  • сол и копар
Боранијата се става да се свари за околу 20 минути, ако е можно на пареа. Се загрева зејтинот ( или путерот) во длабоко тавче. Се ставаат чешнињата лук да омекнат и малку да сменат боја. Се истура потоа боранијата и појачува температурата. Што да направам, не ми се чека 🙂  Се промешува често, за да не загори. Кога ќе почне да намалува течноста, се додава сокот од лимон. Треба да се испари течноста, да се подзапече боранијата и да не се осеќа лигава. Тогаш се нарасува копар, се промешува и се става во танир за сервирање.
Може да се нараси со малку Грана Падано или со Пармезан.
Вкупно – околу 140 денари со скапа боранија. 

Боранија – на супа
Тоа е нашата стандардна чорба боранија. Ние сме петорица и количината треба да е доволна за два пати јадење.

  • 1кг боранија
  • 1 голема глава кромид
  • 2-3 моркови
  • мало парче целер
  • мало парче пашканат 
  • пола зелена пиперка
  • 1 рендан домат
  • 1 чешне лук
  • магдоноз, сол

Зеленчукот без боранијата се сецка ситно и се става со малку вода и сол во тенџерето да омекне. Се додава боранијата (исчистена и исечена на помали парчиња) и супата се вари додека е готова боранијата. Потоа се додават ренданиот домат, лукот, магдоноз. Се остава уште 5 минути  под капак и тоа е тоа. Доколку сте навикнати на погуста супа, тогаш наместо брашно, две-три црпалки зеленчук истурете го во длабок сад и добро пасирајте, а потоа вратете во тенџерето и промешајте добро.

Вкупно ( со смрзната боранија и скапи зелени пиперки) – околу 170 денари. Таа цена може да се намали дупло, доколку човек плански си смрзне боранија, домати, пиперки кога се евтини.