Доручек за школски деца
Многу пати мојот најголем син ми раскажува што јадат негови другари на голем одмор. И стварно се револтирам не на децата, а на родителите. На сите информации колку е важна исхраната на децата, родителите се тие кои се ДОЛЖНИ да ги формираат вкусовите на децата. Должни се не затоа што некој излегол на телевизија и кажал така, а затоа што огромниот дел од современите болести се резултат од несоодветна, а во некои случаи навистина лоша исхрана. Муабетот „ее, па ние истото сме го јаделе и ништо не ни е“ воопшто не држи вода и не смее да биде оправдување за немарноста на родителите околу храната на децата.
Живееме до училиште на фреквентна улица и веднаш на другиот тротоар – голем супермаркет, неколку бурекџилници…познато ви е. Доаѓа голем одмор и сликата е следната: деца трчаат преку улица без да пазат на коли, возачи возаат без да пазат и да застануваат. За 5 минути децата се враќаат со бурек, затворена пица, кифла, кроасан и тоа што најмногу ме иритира – ќеси чипс, смоки, течности кои тешко можат да се наречат сок и уште потешко може да се најде нешто корисно во нив. Просечно тоа кошта 50 денари.
Што можеме да припремиме на децата кое е подобра домашна варијанта?
Пијалоци:
- Свежо цеден сок – со 3 средни портокали се добива околу 250-300мл, цената е околу 20 денари, време за припрема – 5 минути со полнење на пластично шише, фрлање на корките во канта и миење на цедилката. Шишето е добро да се дополни со вода, за да не биде концентриран сокот.
- Компот – ако сте од тие кои не прават зимница, тогаш можете да искористите сушено овошје, јаболки, круши, дуњи и да сварите на тивок огин голема количина компот. Може да се заслади со мед, кафен шеќер, стевиа. Овошјето може да се пасира и да се добие одличен нектар.
- Вода – децата треба да пијат многу вода- литар и повеќе. Шише вода е многу подобро од секакви купени сокови полни со хемикалии (слободно одвојте 5 секунди во маркет за да сликате етикета на таков сок и 20 минути дома наместо да дремете на Фејсбук, да прочитате што точно содржат соковите).
Храна:
- Сендвич – има многу можности. Домашен леб со дип од ореви (фино пасирани урда, ореви и малку кисело млеко), краставица и марула; намаз од урда со печени пиперки -многу повкусно и корисно од купените намази; путер со кашкавал и зеленчцуци; други домашно приготвени намази. Реално еден домашно приготвен сендвич би не коштал 10 денари и најмногу 10 минути за припрема.
- Палента – припремена од претходната вечер. До утро палентата ќе се стегне и може да се стави во кутија без да се распадне, со гарнир од стапчиња од моркови, краставици или друг зеленчук. Една порција од 200гр би коштала околу 10 денари. Со додадени зеленчуци-20.
- Овошје – почистени јаболки, банана, сезонско овошје.
- Тиква варена на пареа, намачкана со мелени ореви и мед – околу 5-10 денари.
- Домашни банички со зеленчук или со урда.
- Домашни палачинки со џем или мед.
Се` е до нас – колку сакаме да се ангажираме и да инвестираме во здравјето на нашите деца, ако нашето здравје не ни е толку битно. Слушам многу оправдувања од родители дека навистина им е битна исхраната на децата, но немале време. 10-15 минути наутро е време кое еден родител може да одвои за своето дете. Тоа време не е потрошено време, одземено от нашата припрема за работниот ден, пиење кафе, доспивање до последен момент,… тоа е малку време инвестирано во иднината на нашите деца.
Дополнување:
Во Фејсбук коментиравме како децата си ја враќаат домашната храна и си купуват глупости. Да, ако имат пари со нив.И пред некој да ме нападне како така ќе си го пуштиш детето без пари, да прашам: кога детето има храна, вода, овошје, нешто благо во кутијата, за што му се пари? Ако одговорот е “Да, ама треба да има пари, ако треба да си купи нешто“, тогаш проблемот не е во детето, него во родителот.И ние кога ќе излеземе да прошетаме со пари во џев, не си купуваме нешто со идејата колку е корисно.Например печен сончоглед или кафе од машина. А ако некој вратил храна дома, негов проблем- не е бил гладен. Децата не се кој знае колку поразлични од нас.И на нив им се случува да не им се јаде наутро. Нема да им се случи ништо страшно ако еднаш пропуштат јадење зашто не им се јадело. Коментар од типот “ааа, ма како така, мора да се јаде, не може да не се јаде“- памтите каква беше нашата реакција на такви муабети кога ние бевме на возраста на нашите деца? 🙂