Витаминска салата и мафини со моркови и калинка

После синоќешното печење на мафини и леб, еве и резултатот.

Рецептот е од еден мој омилен блог Honey and milk и трпи многу измени.
Вчера состојките беа:
  • 1 јајце
  • 3/4 чаша јогурт
  • 1/4 чаша маслинов зејтин (зашто заборавив да го извадам путерот од фрижидер)
  • 2-3 супени лажици мед (на око+малку од мајсторот)
  • ванилин шеќер, но ако имав ванила екстракт, тоа ќе ставев
  • 2 чаши обично брашно
  • 1 чајна лажичка прашок за пециво
  • 1/2 чајна лажичка сол 
  • 1/2 чајна лажичка сода
  • 2 рендани на ситно моркови
  • сокот и малку кора од 1/2 лимон
  • семките од една калинка (тука беше голема занимација со чистењето, пола ги изедовме)

Јајцето се мати убаво со вилушка, потоа се додават состојките до брашното, се промешуват добро. Потоа останатите состојки на куп и мешање додека нема буци брашно. Во меѓувреме се загрева рерната на 180 без вентилатор. Може и на 160 со вентилатор, но мафините тогаш испаѓаат криви на страна. Тука морам да спомнам дека треба да се пази од мали белаџии кои на поминување појачуват на 250 степени. Ако имате хартиени корпи – супер, ако немате – калапите намачкани со путер и наполнети на 2/3. Потоа печење за 20-25 минути. Од кога ќе се извадат од рерна, по 5 минути се вадат на решетка за да се изладат. Нема потреба да ги спомнувам пак поминуваштите белаџии и сопрузи.

Вкупно ~ 120 денари за 12 големи мафини.
Во тој варијант на  рецептот најмногу качува цена медот.Затоа доколку се користи шеќер цената би паднала на 70-80 денари за 12 парчиња. Малку се повлажни од мафините со обично млеко.
Еден мафин и ореви беа ужината на ученикот и нашиот десерт со кафе на работа.
Ручекот – просото од вчера и витаминска салата.
Витаминска салата – наш варијант:
  • 100 гр моркови
  • 10 гр целер корен
  • по 100 гр трупка, дајкон, цвекло и зелка
  • 2 листа марула за боја
  • малку лук, сол, јаболков оцет и зејтин

Вкупно ~ 40 денари за двајца


Вечерата беше на брзинка – крем-супа од компир со морков и брокула (за 2 пати јадење на сите нас петорица – 90 денари) и салата домати, краставица и зелена пиперка ( 30 денари).
За утре – една брза салата со туна и моркови.