Враќање на работа – две салати со наут за ручек

     Покрај пандемијава и рестрикциите се уседевме дома. На почеток „Еј, супер! Сега ќе си вежбам по дома, ќе се ставам во ред.“ После некој месец ти се здосадува постојано затворенa, едни исти обврски. Не можеш да идеш никаде, не може ни кафе да се напиеш со друштвото. Поминува време, стресни ситуации, работа од дома, тука нешто те боцкало, таму те наболувало…ајде, ќе пројде.

Се качуват 2-3-4-5 килограми. Ти станува тешко. Убавите алишта кои си ги купила да си спремна за сезоната, ти се тесни уште на прв обид за носење. Колку и апликации да ставиш на телефон и клипчиња на youtube да изгледаш, само со гледање не бива.

Тогаш иде на ред мобилизацијата 🙂

Тоа ми се случи последно оваа година после цела зима работа од дома.

Да, имам структура и распоред и додека работам од дома, но го нема движењето. Секогаш има нешто поважно. Затоа треба план. Со план контролирам што и колку јадам, а уште повеќе треба да внимавам заради алергии и некои проблеми кои се појавуваат со тек на годините. Со план имам и помалку стрес околу битното прашање „Мамоооо, што ќе јадеме денес?“. Со план полесно се управува и со буџетот кој оди за намирници и за купување храна во канцеларија.

Кога се планира неделно мени, сите јадеме поразноврсна храна, има помалку отпадоци (како најлонски кеси и еднократни танири). Со носењето на домашно приготвена храна на работа не мислиш што ќе јадеш. Например на работа се случува уште од 9.30 да почнеме да се прашуваме што ќе јадеме. Накрај јадеме сендвичи.

Едина малку неудобна работа е што носиш уште една торба.

Најлесно за ручек е салата. Во последно време ми излегуваат многу салати од наут на Инстаграм и решив да пробам. Фотографиите се секогаш многу примамливи, но понекогаш рецептите бараат премногу производи, ми изгледаат чудно и не ми се допаѓаат.

Оваа рецепта беше едноставна

како грчка салата с наут 😀 од Instagram профилот на Nourishing– Loaded Greek Chickpea Chopped Salad

грчка салата со наут

Продукти 

  • 1 среден домат, исецкан на парчиња
  • 1 краставица, исецкана на полукругови
  • 1 зелена пиперка 
  • 1/4 глава чрвен кромид
  • 1/2 конзерва исцеден, измиен наут
  • околу 50гр кравјо сирење
  • маслинки Каламата на око
  • За дресинг:
    маслиново масло, јаболков оцет, сол, суво оригано

 Би сакала да дадам точни количини за дресингот, но не сум по точните мерки. Да кажеме дека дресингот е дотеран “уметнички” на око  🙂 .Та, се се става во танир, се зачинува и салатата е готова.

Втората салата со наут

исто е од интернет, но не паметам од каде. Цела конзерва наут ми е многу за едно јадење и со комбинирање на состојките, може да се уклопи во планирање на ручек на работа за три дена. Секако е подобро и поевтино да се свари наут

Салата со туна и наут

Продукти

  • Наут
  • Црвен грав (вкупно околу 100гр)
  • мала конзерва туна
  • 3-4 листа марула
  • 1/4 глава чрвен кромид
  • 5-6 маслинки
  • За дресинг: маслиново масло, јаболков оцет, сол, малку бибер

Се се меша и се зачинува. Никаква филозофија! Доколку имате уште грав, може и него да го направите на салата за третиот ден.

Во зависност од сезоната, двете салати испаѓаат ококу 300 денари.  Времето за приготвување исто е релативно. Може да се припремат од вечер, со тоа што зачините се ставаат во посебна мала тегличка и се додаваат пред јадење.

Вечер салатата ми е спремна за 5 минути, наутро – за 15. 🙂 Убаво што е докажана релативноста на времето, ама до толку …  Уживајте! Пријатен ручек!